Кошаркарската репрезентација на Македонија на најнепосакуван начин, со пораз на домашен терен од Естонија (72-81), ги почнаа квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2021, кој од сегашна точка е речиси недофатлив.

Жолто-црвените го платија данокот на лошото прво полувреме, односно ужасната втора четвртина во која постигнаа само пет поени и по која противникот обезбеди огромни плус 22 (45-23). Нашите момчиња цели пет минути не постигнаа кош во овој дел од играта, период во кој противникот даде 11 поени во низа и дојде до сигурно клучната предност, која умешно ја задржа до крајот.

Избраниците на тренерот Александар Тодоров силно го почнаа второто полувреме, знаејќи дека немаат друг избор, па со цврста одбрана и неколку тројки во серија брзо ја спуштија високата негатива. Во третиот период со 11 поени во низа намалија на 40-50, а најмногу што сторија беше спуштањето на минус осум (62-70) во 35. минута. Силен налет имавме и во самиот финиш, кога Војдан Стојановски со две тројки во низа намали и на минус седум (72-79) на 40 секунди до крајот, но едноставно немавме време за целосен пресврт.

Војдан Стојановски со 26 поени беше најпрецизен во составот на Македонија, додека Шејн Витингтон и Ненад Димитријевиќ реализираа по 15 поени со осум односно седум скока. Кристијан Куламае беше јунакот кај Естонците со дури 29 постигнати поени.

Македонскиот состав ќе нема премногу време за тагување, без разлика на тежината на поразот, бидејќи веќе утре рано наутро ќе тргне кон Софија, а оттаму кон Москва и Перм каде што в недела ќе ѝ гостуваме на Русија.