Епски пресврт: Србија се врати од минус 24 и се пласира во полуфинале на ЛОИ

Српските кошаркари имаа кошмарно прво полувреме, меѓутоа се разбудија по паузата и со пресврт ја совладаа Австралија со 95-90 за пласман во полуфинале на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

Австралија беше одлична во првата четвртина која ја доби со 31-17, а во продолжение стигна и до водство од +24, меѓутоа селекторот Светислав Пешиќ успеа да ги мотивира Србите до полувреме да намалат на 12 поени негатива (42-54).

Србија во третата четвртина ја анулира негативата и конечно направи пресврт за водство од 69-65. Голема борба се водеше и во последните 10 минути каде што резултатот беше нерешен 82-82, по што победникот се решаваше во продолженија, каде што Србите беа подобри со 95-90.

Најефикасен во редовите на Австралија беше Пати Милс со 26 поени и три скокови, додека Никола Јокиќ запиша 21 поен, 14 скокови и осум асистенции за Србија.

Нашиот северен сосед во полуфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Бразил и САД.