Џабе бевме „сериозен кандидат“: Најдобрите светски таленти ќе ја заобиколат Македонија!

Македонија не ја доби организацијата на Светското првенство (СП) за играчи до 17 години во 2020 година и покрај фактот што нашата земја беше „сериозен кандидат“, како што луѓето од Куќата на кошарката сами потенцираа при помпезната објава на кандидатурата за овој настан.

Челниците на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) денеска официјално објавија дека шампионатот на кој ќе настапат најдобрите светски јуниори ќе се одржи во Софија (Бугарија) во машка и во Клуж (Романија) во женска конкуренција. Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на почетокот од годината ја обелодени во јавноста пријавата за организација на овој настан, а апетите се зголемија дваесетина дена подоцна кога од Скопје со позитивни впечатоци заминал претставникот на ФИБА, Жил Тоноли, кој бил во инспекција на салите каде што би се играле натпреварите.

Недобивањето на Мундобаскетот за јуниори воопшто нема да се почуствува во развојот на кошарката кај нас, со оглед што и да бевме организатори Македонија немаше да игра на ова првенство. Но, тоа ќе донесе голем удар врз касата на МКФ, бидејќи евентуалната организацијата на овој настан ќе значеше и голем приход за нашата Куќа на кошарката изразен со бројки од шест цифри во евра.