Џабе и 38-те поени на Рубио: Американскиот дрим-тим во полуфинале!

Американскиот дрим-тим е вториот полуфиналист на кошаркарскиот олимписки турнир во Токио елиминирајќи го светскиот првак Шпанија (95-81), која го имаше извонредниот Рики Рубио, но немаше сили за да ги изненади ѕвездите од НБА за пласман во завршната борба за медалите.

Рубио даде неверојатни 38 поени против САД, но немаше преголема поддршка од соиграчите за да направат изненадување на турнирот. Шпанија добро им парираше на Американците во првиот дел, но катастрофалниот старт на третата четвртина, кога се најдоа во негатива од 15 поени разлика (22-6 во тој период) го реши мечот, па потоа „фуријата“ константно бркаше негатива, се обидуваше да се приближи, но Американците знаеа и умешно ја одржуваа разликата за конечен триумф.

Дури 16 загубени топки имаа Шпанците, чиј последен обид да се вратат во мечот беше кога дојдоа на минус четири на стартот на последниот период, но потоа САД додаде газ, набрзина ја врати двоцифрената предност и го прифрши мечот без да им остави шанса да се понадеваат на изненадување.

Кевин Дурант даде 29 поени, Татум погоди 13, Холидеј 12, а Лилард 11, а уште и Зак Лавин имаше двоцифрен кошгетерски ефект во тимот на САД. Покрај Рубио, Серхио Родригез даде 16 поени, а само уште Ернангомез имаше двоцифрен ефект во таборот на Шпанија.

САД сега го чека подобриот од дуелот Австралија Аргентина за противник во полуфиналето. Словенија во првото четвртфинале ја прегази Германија за место во полуфиналето на своето деби и го чекаат подобриот од дуелот Италија – Франција во пресметката за финале.