Димитријевиќ како лидер и куп млади сили на поширокиот список на Тодоров!

Новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Тодоров, денеска го објави поширокиот список со 24 играчи на кои ќе смета за првите два меча од квалификациите за ЕП 2021, а на кој, помалку симболично, на првото место се најде новиот лидер, барем според најавите, на националниот тим, Ненад Димитријевиќ заедно со голем број млади сили кои досега не биле во ова друштво.

Целината на тимот е задржана, барем на тие што најсериозно ќе се кандидираат за место меѓу најдобрите 12 за средбите против Естонија (20 февруари) во Скопје и против Русија (23 февруари) во Перм. Единствени кои не се на листата на Тодоров, а кои беа дел од селекцијата која го одигра последниот натпревар против Романија (лани во февруари) се Димитар Караџовски и Дарко Соколов. Покрај плејот на Хувентуд, тука се браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Стојан Ѓуроски, Андреј Магдевски, Бобан Стајиќ, Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски, Бојан Трајковски, Кирил Николовски и Адем Мекиќ, кои во минатото беа дел од жолто-црвената селекција.

Од поискусните, нови имиња се Кристијан Николов, кој го врати македонското државјанство и сега без проблем ќе може да игра за избраниот состав, како и Марјан Младеновиќ, новиот бек на Работнички, кој првиот дел од сезоната го мина во Куманово. На списокот е и Марко Симоновски, кој сѐ уште нема клуб по заминувањето од МЗТ Скопје пред повеќе од еден месец, како и Јетмир Зеќири и Филип Бакоч, кои досега не се нашле во вакво избрани друштво

Подмладувањето, кое селекторот Тодоров го најави на првата прес-конференција, се гледа преку вклучувањето на младите и талентирани Лука Савичевиќ, Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ, Андреј Митревски и Теодор Симиќ, како и перспективата на Работнички, Виктор Ефремовски.

Местото за натурализиран кошаркар, очекувано, е наменето за Шејн Витингтон.

ПОШИРОК СПИСОК НА КОШАРКАРИ

    Ненад Димитријевиќ (Joventut Badalona)
    Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)
    Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром)
    Марјан Младеновиќ (Работнички)
    Бобан Стајиќ (Кожув)
    Лука Савиќевиќ (Spanish Basketball Academy)
    Војдан Стојановски (Pau Lacq-Orthez)
    Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
    Марко Симоновски /
    Адем Мекиќ (Пелистер)
    Андреј Јакимовски (Reale Mutua Basket Torino)
    Марко Миловановиќ (Cremona Basket)
    Андреј Митревски (Феникс 2010)
    Стојан Ѓуроски (ALM Évreux Basket)
    Андреј Маслинко (МЗТ Скопје Аеродром)
    Филип Бакоч (Еуро Никел 2005)
    Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
    Јетмир Зеќири (Пелистер)
    Шејн Витингтон (Real Betis)
    Кирил Николовски (Работнички)
    Љубомир Младеновски (Работнички)
    Бојан Трајковски (Кожув)
    Виктор Ефремовски (Работнички)
    Теодор Симиќ (Barcelona)