Асенсио завршил во болница - изгубил шест килограми за две недели!

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Раул Асенсио, завршил во болница поради сериозни стомачни проблеми.

Информацијата за здравствените проблеми на Асенсио беше потврдена и од страна на „кралевите“.

„На нашиот фудбалер му е дијагностициран бактериски ентероколитис. Станува збор за воспаление на дигестивниот тракт предизвикано од бактерии како салмонела, ешерихија коли или кампилобактер“, стои во соопштението на Реал Мадрид.

Станува збор за состојба која може сериозно да го исцрпи организмот на професионален спортист, бидејќи често е проследена со силна дехидрација, покачена температура и болки во стомакот.

Иако од Реал Мадрид не прецизираа кога Асенсио ќе се врати на терените, закрепнувањето од ваква инфекција обично трае од една до три недели, во зависност од тежината на состојбата и времето потребно играчот да ја врати физичката сила и изгубената тежина.

Дополнително, познатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо објави дека Асенсио во изминатите две недели изгубил дури шест килограми.