Дебакл и за крај: Младинците со шест „нули“ од седум меча завршија како 32. во Европа!

Ужасниот настап на младинската кошаркарска репрезентација на Македонија на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, ќе „крунисан“ вечерва и со шестиот пораз во седмиот меч на шампионатот во Портигалија и тоа вторпат од Словачка (52-87) за пласман на 16. место на второлигашкиот собир или вкупно за 32. на Стариот континент.

Сите проблеми на кои бевме сведоци во играта на жолто-црвените излегоа површина и во последната пресметка во која по само две ипол минути бевме во негатива од седум (2-9), а пет минути подоцна и со десет поени (12-22). Големиот број загубени топки (20), како и мизерниот шут од поле (32,8-отсто) со само една постигната тројка од 13 обиди пак беа клучниот фактори и за овој дебакл на избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ.

Павле Михајловски со 20 поени и Марко Анастасов со 19 беа единствените со двоцифрен поентерски ефект, додека сите останати во репрезентацијата заедно постигнаа само 13 поени.

Освен двата порази од Словаците, македонските младинци загубија и од Белгија, Португалија, Естонија и Унгарија, додека единствено го победивме Луксембург што не спаси од најголемиот можен срам, борба за избегнување на последното 24. место на второлигашкото ЕП.

Пласман во дивизијата А обезбедија Португалија, Чешка и Белгија, а испаднаа велесили како Србија и Летонија, заедно со Полска.