Букмејкерите контра ФИБА: Македонија е голем фаворит за триумф над Естонците!

Македонската кошаркарска репрезентација како голем фаворит за победа влегува во вечерашниот дуел во „Борис Трајковски“ против Естонија (20.15 часот), прв во квалификациите за пласман на ЕП 2021, барем така сметаат најголемите европски обложувачници.

За разлика од верувањата на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), според букмејкерите, жолто-црвените и тоа како се поблиску до триумф поради што коефициентот на „единица“ е помеѓу 1.40 и 1.50 што значи дека едвај би можеле да „заработите“ половина од влогот што евентуално би го инвестирале во избраниците на селекторот Александар Тодоров. Евентуалниот триумф на Естонците, пак, се плаќа со множење во вложените пари на оваа селекција со коефициент помеѓу 2.70 и 3.10, што само по себе говори за шансите на овој тим за успех во „Борис Трајковски“.

Луѓето задолжени за проценка на шансите на екипите на средбите во спортот истовремено очекуваат тврд меч во кој би немало многу поени, поради што границата за вкупниот број поени на овој натпревар е поставена на 148,5. Опциите за помалку или повеќе постигнати кошеви се „плаќаат“ идентично и тоа со коефициент 1.85 или 1.90 во зависност од обложувачницата во која сакате да се обложите.

Проценките на букмејкерите најчесто се покажуваат како точни, но дали и овој пат тоа ќе биде така зависи од настапот на помладениот македонски состав, во кој ќе имаме селектор-дебитант како и играч кој за првпат ќе биде во сениорскиот состав на репрезентацијата, Андреј Јакимовски.

Во вториот, пак, денешен меч од нашата група, во кој Италија ќе ја пречека Русија, според обложувачниците, шансите за триумф се изедначени. Италија ќе настапи во подмладен состав со оглед што е однапред пласирана на ЕП 2021 како еден од домаќините на континенталниот собир, додека Русите ќе настапат ослабени, без неколкумина клучни играчи кои имаат обврски во своите тимови кои играат во Евролигата. Меѓу нив е нивниот најдобар поединец, Алексеј Швед.