
ФИБА не ни верува: Македонија има најмали шанси за пласман на ЕП 2021!
Според првичната рејтинг-листа на 32. селекции кои ќе настапат во последните филтер пред континенталниот собир, жолто-црвените се дури на 29. позиција и тоа само пред три други селекции – Швајцарија, Романија и Австрија. Што е поважно, барем за ваквата прогноза, пред нас се противниците со кои ќе ги одмериме силите во групата Б што значи дека на избраниците на селекторот Александар Тодоров им се даваат најмали шанси да бидат меѓу носителите на европска виза.
Најдобро рангирана во нашата група е Италија, која е шеста селекција по квалитет според стручњаците на ФИБА и која е веќе пласирана на ЕП со оглед што е еден од домаќините, заедно со Грузија, Чешка и со Германија. Веднаш зад азурите е и Русија, нашиот втор противник во февруарскиот циклус на кој му гостуваме на 23 февруари во Перм, која е седми репрезентативен состав по квалитет во Европа. Селекцијата на Естонија, нашиот најголем конкурент за пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент, е за три места подобро рангирана од нас односно се наоѓа на 26. место во првото издание на „Пауер ранкинг листата“ на ФИБА.
Првопласирана на оваа листа е Шпанија, додека следуваат Франција, Србија и Литванија. Ова е субјективна листа на еден од стручните соработници на светската Куќа на кошарката, кој, сепак, е добар познавач на приликите во европската кошарка. На нашите момци е веќе задутре да му докажат дека погрешил во прогнозата и дека тие во моментов се поквалитетни од што тоа го наговестива пласманот на неговата табела.
А, за тоа, ќе ни треба сигурна и убедлива победа над Естонија.