Борба на титаните: Наумоски против Перо Антиќ и „Литванците“ за (пре)власт во МКФ!

Без разлика што пред само шест месеци бомбастично најави дека по завршувањето на мандатот ќе се повлече од Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски деновиве засилено работи на терен во обезбедување гласови за нови четири години во Куќата на кошарката, знаејќи дека во кулоарите уште сега се зборува дека за можен ривал би го имал нашиот најтрофеен кошаркар – Перо Антиќ.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Изборно Собрание на МКФ дефинитивно ќе има оваа година, а од сегашното раководство зависи кога тоа ќе биде одржано, иако според досегашните искуства тоа треба да се случи најдоцна до крајот на мај. Плановите на Наумоски за преселба во Турција со своите синови „паднаа“ во вода, тие зимава од Галатасарај се вратија во Вардар, поради што и тој се пишмани околу напуштањето на лидерската функција во федерација која и тоа како станува примамлива со својот годишен буџет од околу два милиони евра.

Без разлика на многуте пропусти во работењето, проблематичните ситуации со казнувањето на најталентираниот наш кошаркар, давањето пасоши на сомнителни странци, меѓу кои има и такви што сѐ уште и не заиграле за Македонија, експериментот со Драган Раца и бркањето на Александар Џикиќ, деградацијата на судиите со носењето странски делители на правдата, популарниот Пеце смета дека сѐ уште е најдобриот за претседателската функција. Но, со неговото мислење не се согласува тројниот европски шампион, кој веќе, неофицијално, има направено план и програма за тоа како би функционирала МКФ под негово раководство.

Информациите велат дека тој не е сам во оваа замисла, туку околу себе го има костурот на генерацијата која го донесе историското четврто место за Македонија на ЕП 2011 во Литванија. Негов прв соработник би бил Тодор Гечевски, а свое место во оваа опција за кошаркарски напредок би добиле и Ѓорѓи Чековски, Марин Докузовски, а сигурно и Владо Илиевски, кој пред нешто повеќе од една година имаше неуспешен обид да го тргне Наумоски од претседателската фотелја. Во моментов е познато и дека Антиќ има поддршка и од поранешни играчки легенди, како и луѓе од бизнис секторот на кои кошарката им е во срцето, што дефинитивно би било од голем плус во неговата евентуална борба „гради в гради“ со популарниот Пеце.

Најави за претседателски амбиции има и од други луѓе кои во моментов работат во овој спорт, но очекувањата се дека најжестоката битка ќе се води помеѓу Наумоски и Антиќ, пред сѐ поради анимозитетот кој владее помеѓу двајцата и нивната војна преку медиуми и социјални мрежи на која сме сведоци во последните четири-пет години. Размислувањата да се влезе во МКФ, пак, автоматски ги намалува шансите на тројниот европски шампион со Олимпијакос и Фенербахче да се врати на теренот, со оглед на најавите дека би можел сезоната да ја доигра во дресот на Работнички.