Австралија го победи европскиот шампион на почетокот од Олимписките игри!

Кошаркарската репрезентација на Австралија во голем стил ги почна Олимписките игри во Париз, во првиот меч беше подобра од актуелниот европски шампион Шпанија со 92-80.

Австралијците постојано ја имаа контролата над резултатот. Уште на почетокот стана јасно дека се решени да одат на триумф, погодуваа од сите позиции, а најразигран беше Џош Гиди кој во првата четвртина постигна 11 поени.

На стартот од вториот период Љуљ погоди две тројки и ја врати Шпанија на само четири поени негатива, но Австралија успеа да ги одбие нападите и со +7 замина на голем одмор. Најблиску до пресврт Шпанците беа кон средината на третиот квартал кога дојдоа и до водство по тројката на Алдама (56-54), но тоа беше со краток здив. Австралија направи серија од осум поени, подоцна уште една од 7-0 и отиде на 69-59. Во последните 10 минути предноста на оваа репрезентација отиде и на +13, Шпанија во последната минута се доближи на шест поени негатива, но со тројките на Милс и Дениел, Австралија ги постави конечните 92-80.

Џок Лендејл со 20 поени и 9 скока беше најдобар играч во австралиската репрезентација, Милс постигна 19 , а Гиди 17 со 8 скока и 8 асистенции. Кај Шпанците единствен разигран кошаркар беше Санти Алдама кој постигна 27 поени со 6 тројки од 8 обиди.