Анализа: Помалку драма околу Димитријевиќ и итно „купување“ - класичен центар!

Кошаркарската репрезентација на Македонија со два порази во два меча го заврши февруарскиот дел од квалификациите за ЕП 2021. Разочарувачки, бидејќи со тоа шансите да се вратиме на најголемата европска сцена драстично ни се намалија, особено што дома загубивме убедливо од директниот конкурент за место на континенталниот собир в година.

ИГОР КРСТЕВСКИ

До следниот репрезентативен прозорец на ФИБА има осум месеци, повеќе од доволно време да се направат детални анализи каде погрешивме и во што можеме да бидеме подобри. Површното разгледување на ситуацијата наметнува два клучни проблеми, преголемиот притисок кој му беше наметнат на 22-годишниот Ненад Димитријевиќ и немањето класичен центар од типот на Ричард Хендрикс, поради што во најголемиот дел од средбите со Естонија и Русија нашите момци наместо кошарка играа – ракомет.

Плејмејкерот на Хувентуд по доаѓањето на новото раководство на КФМ и на новиот селектор Александар Тодоров речиси „на сила“ беше наметнат односно потенциран како нов голем лидер на репрезентацијата. Во контекст на тоа е и неговиот избор за кошаркар на годината, без некоја адекватна поткрепа иако, според голем број познавачи на кошаркарските прилики кај нас, таа награда дефинитивно мораше да заврши во рацете на Дамјан Стојановски. Тоа беше сфатено како своевиден чин на одоброволување на Димитријевиќ по „проблемите“ кои ги имаше со претходното раководство, кое побара негова суспензија поради одбивање да игра за младинската селекција.

Целата оваа предигра се покажа контрапродуктивна, па популарниот Нено изгоре во првото полувреме со Естонците во кое освен што ја успоруваше играта на жолто-црвените имаше и пет загубени топки. Во продолжението заигра подобро, но битката веќе беше изгубена. Пред самиот крај, по речиси 30 минути поминати на паркетот, одеднаш се фати за ногата и сигнализираше повреда, која наместо на пат кон Русија го остави дома.

Дали болката беше толку голема за да не стисне заби и барем да проба да им помогне на соиграчите во далечниот Перм знае само тој самиот. Но, токму тоа ќе го направеа кошаркарите кои ја има улогата на репрезентативни лидери пред него, колку за потсетување, Тодор Гечевски за Македонија има играно и со - скршена рака. А, останатите во националниот тим покажаа дека знаат и умеат и без него, па против Русите дури и изгледавме подобри на теренот, откако главната улога, оправдано, овој пат му беше дадена на Војдан Стојановски.

Димитријевиќ е сѐ уште млад и ваков притисок воопшто не му треба. Однапред давањето лидерска позиција е лошо за него самиот, бидејќи таа улога се добива само со пот и со срце оставено на паркет. Затоа во иднина треба помалку да се прави драма околу него, треба да му се даде вистинската шанса, но да се остави самиот да се избори за епитетот главен предводник на македонската селекција. Сѐ останато ќе биде лошо и за кошаркарот и за македонската кошарка во целост.

Ова, заедно со задолжителното ангажирање странец „ала Хендрикс“, кој знае да игра центарски, кој е опасен со грб кон противничкиот кош и кој ќе ја „собере“ противничката одбрана во рекетот, се приоритетите на Тодоров, Антиќ, Гечевски и останатите за следните осум месеци. Секако и откажувањето од идејата репрезентацијата да биде отскочна штица за играчите без клуб, како што беше сега ситуацијата со Марко Симоновски. Чест секому, но вересија никому. А, искусниот бек изминативе два меча ги одигра токму на вересија, без да го отплати долгот.

Ако ова не се направи, тешко е да се надеваме на пласман на ЕП 2021. Ноември делува далеку, но времето лета. Обврските на сите инволвирани околу следниот циклус почнуваат уште – денеска.