Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа и третиот пораз во низа во АБА2-лигата, откако вечерва не успеаја да излезат како подобри во пресметката со босанскиот првак Широки (77-89), кој во моментов им е најсериозен конкурент за второто место на табелата.

Домаќинот имаше подобар шут од поле (52,4%-44,8%), како и поголем број скокови (32-30), а помалку загубени топки (14-19), што на крајот се покажа како доволно за значаен триумф. Аеродромци некако премногу форсираа во ударот за три поени (13/32), а резултатска предност одржуваа само во периодот кога им одеше во шутот од далечина. Тоа беше во поголемиот дел од првото полувреме, кога во еден момент „металците“ имаа 7/13 за тројка, но потоа кога попушти концентрацијата предноста на противникот нагло се зголеми.

Босанците на полувреме отидоа со плус осум (47-39), а набрзо потоа и дојдоа и до двоцифрена позитива, која потоа умешно ја одржуваа до крајот. МЗТ Скопје најмногу што направи беше со серија 12-4 да намали на само минус два (54-56), но домашните кошаркари не дозволија целосен резултатски пресврт и со неколку погодени шутеви од далеку успеаја да ја задржат предноста, која во последната четвртина повторно ја мина двоцифрената граница за потврда на двата бода.

Џабари Хиндс со 18 поени и четири асистенции беше прво име во составот од Аеродром, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште Бојан Крстевски со 15, Андреј Маслинко со 12 поени и Дамјан Стојановски со 11 поени

Македонскиот шампион сега има учинок 12-7 и останува второпласиран, но сега со само една победа пред вечерашниот ривал Широки, што најавува пеколна борба во последните три кола за тоа кој од овие два тима ќе ја има предноста на домашен терен во полуфиналето од плејофот. Тоа ќе се случи по февруарскиот репрезентативен прозорец на ФИБА, поради кој екипите од АБА2 ќе имаа тринеделна пауза.

Следен противник за МЗТ Скопје во регионалното натпреварување е Динамик, кој на 27 февруари ќе гостува во „Јане Сандански“.