Уште еден српски кошаркар доживотно суспендиран поради местење натпревари!

Српскиот кошаркар, Никола Ќирковиќ (27), е доживотно суспендиран од кошарката поради местење натпревари и учество во обложување, објави Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) на својот официјален сајт.

Тој во кариерата настапуваше за повеќе тимови, меѓу кои Земун, каде што ја започна кариерата, како и за екипи од Шпанија, Динамик, Вршац, Напредак, Слобода и Братунац. Тој не е единствениот српски кошаркар кој се соочил со слична казна. Во јуни оваа година, баскетарот Мирослав Пашајлиќ исто така беше доживотно суспендиран, додека во март казна доби и Марко Радоњиќ. Во април 2023 година, уште еден кошаркар, Саша Аврамовиќ, беше отстранет од спортот поради истиот прекршок.

Изминатиов период казни поради местење добиваа кошаркари, тренери и судии и од Црна Гора, Косово и Бугарија, а неофицијално во тек е голема истрага поврзана со ваков криминал во македонската кошарка.