Турците му се закануваат на Гркот Јанис: Ќе ти го убиеме целото семејството! (ФОТО)

Грчката кошаркарска ѕвезда Јанис Адетокумбо и неговото семејство добија сериозни закани по живот, веднаш по освоениот бронзен медал на ЕП 2025, кои пристигнале преку социјалните мрежи, а наводно дошле од турски навивачи.

Иако Грција во борбата за третото место ја совлада Финска и се утеши по поразот од Турција во полуфиналето, славјето на Адетокумбо беше засенето од вознемирувачки пораки упатени кон него, сопругата Мараја Ридлсперг и нивните четири деца.

„Ќе ви ја убиеме целата фамилија. Ќе живееш во страв каде и да одиш,“ стоеше во една од пораките.

Мараја реши јавно да проговори, истакнувајќи дека дел од заканите биле пратени дури и до нивните деца.

„Честитки за турската репрезентација, имате одличен тим. Но ова однесување е недозволиво. Се надевам дека оние кои праќаат омраза и валкани пораки се горди на себе,“ порача таа.

Напнатоста дополнително се зголеми кога по објавата на Јанис со снимки од славјето, во коментарите се појавија бројни турски знамиња. Грчкиот ас фрустрирано реагираше со порака: „За име божјо, тргнете ги тие проклети турски знамиња“.

Турските медиуми го протолкуваа тоа како навреда кон национален симбол, што предизвика уште поголема ескалација и размена на остри коментари меѓу навивачите на двете земји.