
Шкендија ѝ гостува на максималната Струга, Тиквеш и Шкупи во битка за прва победа!
Дербито на колото ќе се одигра во Струга, каде што силите ќе ги одмерат екипата со максимален ефект досега како домаќин и актуелниот шампион како гостин. Стружани досега имаат пет победи од пет меча, па тетовци се надеваат дека ќе ја прекинат победничката серија на лидерот.
„Свесни сме дека нема лесни натпревари. Подготвени сме да дадеме сè од себе и да победиме. Струга е во одлична форма, но ние сме Шкендија и секогаш одиме на три бода. Верувам дека ќе биде вистинско дерби со голема публика“, изјави Имран Фетаи.
Кавадарчани, пак, по пет натпревари имаат само два бода, додека чаирчани се последни на табелата без освоен бод. За домашниот состав, предводен од тренерот Ѓорѓи Мојсов, ова е шанса конечно да се радува на триумф пред својата публика.
„Посакуваме прва победа сезонава, тоа е приоритет. Што и да се случува околу клубот, на терен одиме на три бода“, порачаа од таборот на Тиквеш, на чии фудбалери дополнителен мотив ќе биде и организираната поддршка од навивачката група „Лозари“.
Шкупи има пет порази во низа, но во минатото коло беше на чекор до бод кај Брера, која со гол во последните секунди ги лиши од награда. Напаѓачот Ардит Дестани вели дека тимот е подготвен да се врати со позитивен резултат од Кавадарци.
„Секој меч го подготвуваме максимално. Целта е победа и верувам дека со тимска работа можеме да излеземе како победници. Јас постигнав гол против Вардар и се надевам дека ќе бидам стрелец и денес, но најважен е успехот на тимот“, изјави Дестани.
Денешните средби започнуваа во 15.30 часот на стадионите во Струга односно Кавадарци.