Толку од златната генерација на Словенија: Драгиќ и Кокошков не се враќаат во репрезентацијата

Главните „виновници“ во тимот на Словенија за освојувањето на Европското првенство во кошарка во иднина дефинитивно нема да бидат дел од националниот тим. 

„Змајчеки“ ќе имаат тешка задача да направат повторно голем успех на меѓународната сцена, бидејќи селекторот Иван Кокошков и најдобриот кошаркар Горан Драгиќ и официјално се повлекоа од репрезентацијата.

Кокошков не може да продолжи да ја води Словенија поради неговите обврски во НБА-лигата, нешто што го најави уште пред почетокот на Евробаскетот 2017 година. Тој моментално е помошник тренер во тимот на Јута џез.

Истото важи и за Горан Драгиќ, кој иако има 31 година најави репрезентативна пензија по турнирот. Одличниот плејмејкер сака целосно да и се посвети на својата НБА-кариера и да дојде до посакуваниот шампионски прстен, сега откако веќе има една титула со својата репрезентација.

„Го остварив она што го посакував, освоив златен медал и ова е најдоброто време за простување од националнот тим“, изјави Драгиќ.

Сепак и без Драгиќ иднината на Словенија не е така црна, бидејќи тука е тинејџерот Лука Дончиќ, кој на турнирот покажа дека во иднина ќе биде голема кошаркарска ѕвезда, па можеби тој повторно ќе ја однесе својата земја до голем успех.