Тимот на Јокиќ се радуваше во Битола, Џокер подобар од Пелистер

Кошаркарите на Пелистер денеска во Битола беа поразени од тимот на Џокер со 77-81 со што дополнително си ги намалија шансите за пласман во втората фаза од АБА2 лигата.

Во играта на Пелистер денеска пред своите навивачи имаше многу осцилации, а тимот од Сомбор тоа знаеше како да го искористи и да дојде до победата. Првaта четвртина му припадна на битолскиот состав со 20-17, иако во еден момент водеа и со 17-9. 

Вториот период донесе израмнета игра и двете екипи постигнаа по 18 поени, па Пелистер на полувреме водеше со три разлика (38-35).

Клучен период во поразот на македонскиот претставник беше третата четвртина во која кошаркарите на Џокер беа многу подобар противник и ја добија со 25-16. Од тој момент избраниците на Александар Петровиќ не успеаа да се вратат целосно во натпреварот, па мораа да се помират со поразот.

За Пелистер Едвардс постигна 18 поени, а го следеа Мишковиќ со 16, Стајиќ со 12 и Антоан со 11.

По три кола Џокер има максимални 3-0, Подгорица со еден пораз е второпласирана 2-1, додека Пелистер е на скор 1-2, а последен во групата е Широки Бријег со 0-3.