Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа петтиот пораз сезонава во АБА2-лигата, откако вечерва загубија на гостувањето на некогашниот трикратен европски шампион Сплит (85-98), во првиот меч од 17. коло од регионалното натпреварување.

Аеродромци беа блиску до петтиот триумф во низа против тимот од Далмација, но го плати данокот на лошата концетрација во ударите од линијата за слободни фрлања. Македонските кошаркари промашија дури 13 пати во ударите за еден поен (9/22), што на крајот се покажа како клучен фактор за неуспехот. Сино-белите ќе жалат за пропуштената шанса, со оглед на водството во поголемиот дел од натпреварот, кое го одржуваа пред сѐ со голем број прецизни удари за тројка (девет во првото полувреме и вкупно 12). Домаќинот подобро се снајде во финишот и ги казни сите грешки на противникот од Скопје, што најдобро се гледа од серијата 19-5 остварена во последните пет минути од натпреварот, со која минималната негатива ја претворија во голем триумф.

МЗТ Скопје и покрај поразот останува сигурен на втората позицијата на табелата со учинок 12-5 и со голема предност над најголемите конкуренти, кои имаат два порази повеќе, но и еден натпревар помалку. Сплит, пак, со овој триумф останува во трка за едно од местата кои водат во плејофот.

Бојан Крстевски со 18 поени беше најпрецизен кај составот од „Јане Сандански“, Дамјан Стојановски постигна 17 поени, а двоцифрен ефект имаа уште и Ѓорѓе Милошевиќ со 15, Ерон Харис со 11 и Џабари Хиндс со 10 поени и осум асистенции.

Во следната рунда од АБА2, МЗТ Скопје ќе го пречека словенечки Хелиос, меч кој ќе се одигра следниот четврток во Аеродром.