Кошаркарите на МЗТ Скопје не ја продолжија серијата победи на домашен терен во АБА2-лигата, откако во вечерашниот дуел од 18. коло против Хелиос (83-89) го претрпеа првиот пораз во деветтиот меч во Аеродром сезонава.

Релаксираниот противник одигра одлично во нападот, додека сино-белите немаа свој ден и на двете страни од теренот, што резултира со шести неуспех во регионалното натпреварување, во кое имаат и 12 победи. И покрај поразот, „металците“ остануваат на втората позиција на табелата, сега и без теоретски шанси да го стигнат лидерот Борац Чачак.

Натпреварот беше изедначен во првото полувреме, со чести промени на водството на двете екипи. Домаќинот дури во финишот од вториот период успеа да го наметне својот стил и да дојде до поопиплива предност, која на полувремето изнесуваше најголеми дотогаш плус осум поени (47-39).

Неочекувано, аеродромци лошо ја почна третата четвртина, во која не спречија речиси ниту еден напад на противникот, а во офанзивата беа непрепознатливи. Словенечките кошаркари максимално го искористија тоа и со неверојатна серија 18-2 направија целосен пресврт (57-49). Кошаркарите на МЗТ Скопје брзо се вратија во егал-ситуација, но не успеаја да се одлепат резултатски што донесе максимално неизвесен финиш.

Шутот за три поени беше главното оружје на Хелиос во клучните моменти, поради што во последните три минути влегоа со позитива од 79-75, за која придонесоа и четирите по ред промашени слободни фрлања на домашниот тим. Гостите набрзо потоа дојдоа и до плус шест (83-77) со што го најавија изненадувањето во „Јане Сандански“.

Помалиот број скокови (26-31), како и поголемиот број загубени топки (14-10) се покажаа како клучни фактори за првиот пораз на составот од Аеродром на домашен терен во АБА2-лигата сезонава.

Џабари Хиндс беше најефикасен со 18 поени, Дамјан Стојановски постигна еден помалку, додека Бојан Крстевски реализира 12 поени. Следниот меч за аеродромци е за една недела, кога ќе му гостуваат на Широки.