Работнички и ТФТ побараа вајлд-карта за АБА2 – спремни се да платат по 25.000 евра!

Екипите кои играа во малото финале во домашниот плејоф оваа сезона, Работнички и ТФТ, официјално испратија барање за добивање специјална покана за настап во АБА2-лигата со што искажаа подготвеност да платат по 25.000 евра колку што е цената за влез во ова натпреварување надвор од националниот клуч.

Македонските тимови имаат голема конкуренција за добивање една од четирите вајлд-карти што се на располагање со оглед што уште пет клуба од останатите држави од регионот го направија истиот чекор. Станува збор за Босна, Слобода Тузла (БиХ), Теодо, Приморје (Црна Гора), Шибенка (Хрватска), Шенчур (Словенија) и Вршац (Србија). Нефицијално, Работнички е во пол-позиција за добивање една од поканите, додека шансите на ТФТ се мали и може да се зголемат само ако настап откаже некој од сигурните 12 екипи.

Сезонава во АБА2 ќе играат 16 тимови поделени во четири групи, меѓу кои сигуро ќе бидат МЗТ Скопје и Пелистер. Најдобрите два состави по шест одиграни кола (дома-гости) ќе продолжат во вториот круг, каде што ќе има две групи по четири екипи кои повторно ќе одиграат шест кола (дома-гости). Двајцата првопласирани од обете групи ќе се најдат во полуфиналето, а потоа и во финалето, кои ќе се играат како и досега – со два меча на кош-разлика.

Медиумите од регионот веќе ги објавија и имињата на тимовите од останатите пет држави од поранешната заедничка држава меѓу кои се Златибор, Војводина (Србија), Подгорица, Сутјеска (Црна Гора), Домжале, Илирија (Словенија), Широки, Борац Бања Лука (БиХ), Динамо Загреб и Цедевита јуниор (Хрватска). Во одредување на групите од првата фаза ќе се внимава и на националниот клуч, односно да не се паднат тимови од иста држава.

РАСПОРЕД НА БАРАБАНИТЕ

БАРАБАН 1: МЗТ Скопје, Подгорица, Војводина, Златибор

БАРАБАН 2: Борац, Домжале, Широки, Сутјеска

БАРАБАН 3: Цедевита јуниор, Динамо Загреб, Илирија, Пелистер

БАРАБАН 4: Екипи кои ќе добијат специјални покани