Кошаркарите на Пелистер нема да играат во плејофот сезонава во АБА2, откако попладнево, во последниот меч од регуларниот дел од сезоната, загубија во пресметката против Спартак Суботица (81-88), кој со ова ја осигура првата стартна позиција пред доигрувањето.

На битолчани им требаше победа против најдобриот во ова натпреварување, но едноставно немаа сили да дојдат до посакуваната цел. Српскиот состав клучната предност ја оствари во вториот период, кој го доби со 29-15, а на зелено-белите не им помогна ниту подобрата игра во третата четвртина (29-19) во која само ја намалија негативата. Андреј Магдевски со 24 поени и Јуре Планиниќ со 17 поени и 14 скока беа најдобри кај Пелистер.

Вечерва последниот меч сезонава во АБА2 ќе го одигра и ТФТ и тоа против Шибенка (18 часот), во дуел во кој им треба победа за да го избегне последното место на табелата. Турнирот во Широки Брег ќе финишира утре и тоа со пресметката помеѓу МЗТ Скопје и домаќинот Широки (18 часот), во која аеродромци бркаат триумф за што подобра стартна позиција во веќе обезбедениот плејоф.