Одличен старт во АБА2: Историска победа на Пелистер во Битола (ФОТО)
За македонскиот вицешампион ова е четврта сезона во второлигашкото регионално натпреварување, но прв меч во салата „Бори Чурловски“ бидејќи првите три учества беше според турнирски систем и без пресметки пред своите навивачи. Тоа беше тврд и до крај неизвесен натпревар, кој зелено-белите го почнаа со девет поени во низа како најава на крајниот епилог. Противникот во финишот на првата четвртина на момент ја презеде контролата, но битолчани брзо се освестија и дојдоа до плус девет (34-25), што беше нивно најголемо водство во првиот дел. Домаќинот во третиот перид само ја одржуваше позитивата, за на почетокот на последните десет минути со серија 15-4 дојде до огромни плус 13 (67-54) како потврда на стартната победа во АБА2.
Американецот Брајан Ентоан со 16 поени беше најпрецизен кај Пелистер, додека веднаш зад него беше српскиот интернационалец Никола Мишковиќ со 13 поени и 11 скока. Јан Ребец со 27 поени беше убедливо најдобар кај гостите од БиХ.
Претходно во првата рунда од ова натпреварување, МЗТ Скопје лесно го совлада Теодо (68-50), додека Работнички на домашен терен загуби од Сутјеска (58-71). Во следното коло, Работнички ѝ гостува на Војводина (8 октомври), МЗТ ѝ гостува на Цедевита јуниор (10 октомври) додека Пелистер ѝ оди на мегдан на Подгорица (15 октомври).