„Обрадовиќ никогаш не би поминал во НБА – играчите сами би го избркале!“

Турскиот репрезентативец и член на Хјустон Рокетс, Алперен Шенгун, имаше интересен одговор на прашањето дали најтрофејниот европски тренер во историјата, Жељко Обрадовиќ, би можел да работи во НБА.

Центарот е убеден дека актуелниот стратег на Партизан никогаш не би можел да предводи тим во најдобрата кошаркарска лига во светот.

„Мислам дека тоа не е можно. Обрадовиќ никогаш не би можел да се однесува со играчите во Америка како што тоа го прави во Европа. Таму кошаркарите не би го толерирале тоа, сами би го избркале. Во НБА се е поинаку“, изјави Шенгун.

Турчинот проговори и зошто веднаш замина во НБА, иако имаше понуда од Фенербахче.

„Да отидев во Фенер, тоа ќе беше најголемата грешка во мојот живот. Ми понудија многу пари, но ќе требаше да платам три милиони долари доколку отидам во НБА. Дел од тоа би бил покриен од НБА, но јас би морал да платам поголем дел. Затоа го направив вистинскиот потег веднаш да заминам во Америка“, дополни Шенгун.