Партизан со пресврт го реши Макаби Тел Авив за втор триумф во Евролигата

Кошаркарите на Партизан во четвртото коло од Евролигата триумфираа против Макаби Тел Авив со 91-79.

Двете екипи одиграа возбудливо прво полувреме во кое Макаби Тел Авив беше подобар со 46-42, но српскиот гигант се разбуди на почетокот на третата четвртина.

Избраниците на Жељко Обрадовиќ беа во одличен ритам и го наполнија кошот на ривалот за да го преземат водството пред последните 10 минути од мечот.

Партизан беше одличен и во последната четвртина во која доминираа на паркетот и триумфираа со 91-79, а тоа беше прва победа на гостински терен по славјето против Алба Берлин во април годинава.

Стерлинг Браун беше најефикасен во редовите на Партизан со 20 поени, три скокови и една асистенција, додека Рандолф запиша 19 поени и седум скокови за Макаби Тел Авив.