Лазаров го надмудри Червар, Пелистер ничкосан и на Автокоманда! (ФОТО)
Двете екипи понудија добра игра во нападот на стартот и се играше гол за гол сè до 8-8, по што Алкалоид ја презема контролата и со неколку успешни акции стигна до 12-9. Пелистер се соочи со проблеми во нападот, а избраниците на Кире Лазаров го искористија тоа за на полувреме да заминат со 14-10.
Проблемите за тимот на Лино Червар продолжија и на стартот на вториот дел, а Алкалоид стигна до максимални „плус шест“ (19-13). Сепак, Пелистер не му дозволи на ривалот да избега, па до 53. минута од средбата намали на три гола негатива (23-26).
Најефикасен во победничкиот тим беше Никола Костески со седум гола, додека Марко Кизиќ запиша девет интервенции. На спротивната страна, Филип Кузмановски постигна седум погодоци, а Никола Митревски запиша 11 одбрани.
По 11 одиграни кола, Алкалоид е трет со 18 бодови, додека Пелистер падна на четвртата позиција и има 17 поени. Пред нив се Охрид со 19 и Вардар со 20 бода.





