„Газдата“ на Пелистер удри по ракометарите: Срам да ви е на сите, фала што нѐ посрамотивте!
Стерјев, кој е веројатно најзаслужен за вложувањето на семејната компанија во битолскиот тим, не го криеше разочарувањето од резултатот и настапот на тимот, испраќајќи порака во која јасно стави до знаење дека ваквото издание е неприфатливо за клуб со амбициите и реномето на Пелистер.

„Сѐ е обезбедено, за вака да не брукате! Срам да ви е на сите играчи и тренери!!!!! Фала што нѐ избрукавте!“, напиша Стерјев, кој вчера во Виена го прослави својот роденден, но денешниот пораз му донесе горчина во душата, со оглед на реакцијата спрема избраниците на Лино Червар.
Пелистер пред два дена на домашен терен го победи бундеслигашот Гумерзбах, но уште во првата половина од сезоната ги губи шансите за титулата во домашното првенство. Не успеа да победи на ниедно дерби, ремизираше со Охрид, загуби од Вардар, а вечерва и од Алкалоид и веќе има пет бода негатива во однос на актуелниот шампион. Не му оди ни во ЕХФ Европската лига каде е во грчевита борба за второто место, но потребно му се две победи во последните две кола за да ја оствари целта.