МЗТ Скопје со квалитетна одбрана ќе брка триумф против Нови Пазар

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе го пречекаат дебитантот во јадранската конкуренција, тимот на Нови Пазар (19 часот), во меч во кој ќе сторат сѐ за да останат непоразени на домашен терен во досегашниот дел од сезоната во АБА2-лигата.

Аеродромци досега имаат пет победи во исто толку натпревари во „Јане Сандански“, поради што како големи фаворити влегуваат во пресметката со составот од Србија. Но, тоа не ги залажува луѓето од стручниот штаб на „металците“, кои максимално фокусирано го очекуваат дуелот против екипата која игра максимално офанзивна кошарка.

„На гости ни доаѓа незгоден противник, кој е искусен и кој на последните пет средби постигнува 90 и повеќе поени. Клуч на евентуалната наша победа сигурно ќе биде колку добро одиграме во одбраната. Нови Пазар исто така често комбинира во дефанзивата, што го прави уште понезгоден. Немавме многу време за подготовка за овој меч, но мислам дека добро ги спремивме кошаркарите за оваа пресметка. Со максимална ангажираност и со помош од трибините се надеваме на позитивен исход“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје ќе игра во комплетен состав и ќе проба да дојде до триумф со кој ќе го продолжи притисокот врз лидерот на табелата, Борац Чачак. Составот од Аеродром во пресрет на средбата од 10. коло има скор 7-2, односно една победа помалку во однос на главниот конкурент за највисок пласман во АБА2.