МЗТ дозна против кого ќе игра четири средби во пет дена во финалето од АБА2-лигата!

Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево вторпат по ред го совладаа Спарс и се пласираа во големото финале од плејофот во АБА2, каде што ќе ги одмерат силите со словенечкиот тим Сикст Приморска, кој со идентични 2-0 ја мина полуфиналната пречка наречена Борац.

Екипата од Копер победи на вечерашното гостување во Чачак (73-69), во возбудлив и драматичен меч во кој домашниот тим, кој од клупата е предводен од поранешниот македонски селектор Јовица Арсиќ, има голема шанса да се избори за „мајсторка“. Поголемото искуство на Словенците се покажа како клучен фактор во неизвесната завршница, која за нив имаше среќен крај.

Финалната серија се игра до три победи и почнува на 1 и 2 април со првите две средби на теренот на Приморска. Потоа, тимовите се селат во Скопје каде што ќе ги одмерат силите на 3 април и ако има потреба еден ден подоцна. Евентуалната „мајсторка“ ќе се одигра на 8 април во Копер.

Словенечкиот тим ги доби двете меѓусебни пресметки во регуларниот дел од сезоната, но во средби во кои МЗТ Скопје пропушти голема шанса да го совлада силниот противник, пропуштајќи убедлива предност во самиот финиш од натпреварите. Победникот од оваа плејоф-пресметка ќе обезбеди настап во АБА-лигата следната сезона, додека поразениот ќе има уште една шанса за такво нешто и тоа преку бараж-дуел со хрватски Задар.