Кошаркарите на МЗТ Скопје само како финалисти ќе влезат во јадранската елита, откако вечерва, пого огромна борба и едно продолжение, загубија од Златибор (73-78) во финалето на завршниот турнир од АБА2 лигата, кој неделава се одржуваше во „Јане Сандански“.

„Металците“ го платија данокот на очајниот почеток на средбата, со оглед што веќе во вториот период имаа негатива од дури 21 поен (19-40). Тоа како да ги разбуди сино-белите, кои полека, но сигурно се враќаа во игра, а во последниот период дури и го имаа водството во неколку наврати. Адем Мекиќ дури имаше зицер за победа на две секунди до крајот, но промаши по што средбата отиде во дополнителни пет минути (72-72). Аеродромци веќе немаа сили за завршен удар, па есктра-периодот го завршија без постигнат поен од игра (1-6).

Војдан Стојановски со 14 поени и осум скока беше најпрецизен кај македонскиот тим, додека Мекиќ, Кристијан Николов и Хуан Дејвис реализираа по 12 поени. Јунак на средбата беше Душан Кутлешиќ од победничкиот тим, кој средбата ја заврши со 33 поени.

Без разлика на поразот, МЗТ Скопје следната сезона ќе игра во АБА1 лигата бидејќи Златибор ќе мора да игра дополнителен бараж со најлошо пласираната српска екипа во елитата, со оглед што нашиот северен сосед веќе го има максималниот број екипи (пет) во ова натпреварување.