Македонскиот шампион МЗТ Скопје храбро се бореше против фаворизираната Игокеа, но сепак потклекна во завршницата од дуелот (90-96) за седми пораз по девет одиграни меча во АБА-лигата.

Игокеа беше одлична во нападот од стартот на натпреварот и по пет минути игра стигна до водство од 16-7, додека екипата од Аеродром не се предаваше и по првата четвртина имаше негатива од пет поени (21-26).

МЗТ неколку пати ѝ се приближи на Игокеа благодарение на расположените Ајви и Крстевски, но босанскиот тим го засили темпото и на полувреме имаше предност од 56-47.

Жестоката битка продолжи и во второто полувреме, а МЗТ Скопје успеа да се приближи на само два поени негатива во (70-72), по што следеше добар период за екипата на Драган Бајиќ и предност од 81-70.

„Штрковите“ не се предаваа без разлика на големата негатива, па успеаа и да направат пресврт (88-86), но не издржаа во финишот кога Игокеа го скрши отпорот на македонскиот тим и славеше со 96-90.

Кендрик Реј постигна 37 поени кај Игокеа, додека Мајк Кафи запиша 21 поен за МЗТ Скопје.

Игокеа со денешната победа се искачи на шестата позиција и има пет триумфи и четири порази, додека тимот од Аеродром има два триумфи и седум порази и се наоѓа пред опасната зона.