МЗТ доцна се разбуди - стигна 19 разлика, ама не успеа да ја победи Војводина (ФОТО)

Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје се најде во мошне тешка ситуација откако вечерва загуби од Војводина на домашен терен, во шестото коло од АБА 2 лигата.

Тимот од Нови Сад славеше во „Јане Сандански“ со 78-73 и сега МЗТ има биланс 3/3 во пресрет на последните два меча од лигашкиот дел на регионалното натпреварување. Натпреварот го одбележаа долгите серии и осцилациите во резултатот, а малку недостасуваше македонскиот тим да дојде до победата и покрај високата негатива.

До средината на втората четвртина се играше израмнето, а потоа Војводина направи серија од 14-0 по која поведе со 34-23. На почетокот од третиот период гостите ги достигнаа највисоките +19 (48-29) и се чинеше дека МЗТ Скопје ќе доживеа катастрофа пред своите навивачи. 

Сепак, нашиот тим одговори со уште поголема серија, од 16-0, меѓу третата и последната четвртина со која се доближи на 61-63, а нешто подоцна и поведе со 66-65. За жал, тука застана, Војводина за кратко повторно ја презеде иницијативата и во драматичниот финиш успеа да дојде до важна победа.

Гил беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 17 поени, а одличен меч одигра Марин Петков кој постигна 16. До крајот на лигаашкиот дел, тимот од Аеродром ја пречекува Подгорица и гостува кај Широки во дуели кои мора да ги добие.