Мираковски: Најискусните направија катастрофални грешки и затоа – загубивме!

Тренерот на Работнички, Димитар Мираковски, долго ќе жали за пропуштената шанса да дојде до вториот по ред триумф против МЗТ Скопје, откако неговиот тим на денешната средба од АБА2 во Сараево имаше плус четири и промашен зицер на Демир Питс на стотина секунди до крајот.

Американецот беше „залепен“ од сонародникот Феми Олуџоби, по што работите се свртија во корист на противникот, кој на крајот подобро се снајде и дојде до драгоцената победа.

„Одигравме прилично лошо во голем дел од мечот. Се баравме себеси, не можевме да влеземе во посакуваниот ритам, а дававме сѐ од себе. Бевме упорни и со една комбинирана зонска одбрана успеавме да се вратиме и да поведеме. Сепак, на крајот, најискусните играчи (Питс и Николовски-н.з.) направија две катастрофални грешки, промашен зицер на 'плус четири', а потоа и чекори, што се покажа пресудно за да го загубиме овој натпревар. И покрај петте фаули на Бундовиќ се вративме, но немавме сили за триумф“, истакна Мираковски.

Работнички во следното коло од турнирот во Сараево, в петок,ќе се сретне со тимот на Сутјеска (16 часот).