Мбапе, Винисиус и Конате ја разбеснеа Шпанија: Нека си одат од тука!

Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и Ибрахима Конате се најдоа во центарот на вниманието во Шпанија поради потегот пред натпреварот меѓу Реал Мадрид и Елче.

Пред мечот, фудбалерите на двата тима добија маички со пораки за поддршка на Сеута, но при излегувањето на теренот Мбапе, Винисиус и Конате ги подвиткаа маичките така што натписите не можеле да се видат пред камерите. Снимките од тунелот дополнително ја разгореа полемиката, бидејќи на нив се гледа како Винисиус и Мбапе разговараат за начинот на кој ја носат маичката.

Потегот предизвика реакции кај дел од навивачите на Реал Мадрид, а се огласија и претставници на навивачите од Сеута, кои истакнаа дека очекувале поголема видлива поддршка од играчите на клубот. Свој коментар даде и претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, кој порача дека доколку клубот донел одлука сите играчи да ја носат маичката, таа одлука требало да биде испочитувана.

„Реал Мадрид е шпански клуб и учеството на целиот тим во вакви иницијативи е институционален чин и чин на клубот“, изјави Тебас.

По реакциите, Мбапе се огласи и го објасни својот потег. Французинот нагласи дека е солидарен со Сеута и со жртвите, но истовремено сакал да укаже и на страдањата на мигрантите и луѓето кои се соочуваат со тешки услови. Мбапе порача дека неговата намера не била да испрати порака против жителите на Сеута, туку да упати поширока порака за мир и сочувство кон сите луѓе кои страдаат.