Мираковски: Критиките по поразот од МЗТ ни ја донесоа убедливата победа!

Кошаркарите на Работнички денеска дојдоа до третата победа во АБА2-лигата, откако убедливо ја совладаа Сутјеска и останаа во игра за плејофот, што секако донесе задоволство во стручниот штаб на овој тим.

Тренерот Димитар Мираковски потенцира дека неговите кошаркари одлично одговориле на критиките по завчерашниот пораз од МЗТ и дека тоа е главната причина за успехот против црногорскиот претставник.

„Далеку од тоа дека беше лесна денешната победа. Ова е натпреварување во кое сите се израмнети и во кој нема лесен натпревар. Нешто променивме во играта, а моите играчи заслужуваат честитки за овој натпревар. Не беше толку проблемот поразот од МЗТ, колку што беше проблем нивниот пристап. Денеска имаше залагање од сите, ги прифатија добро критиките после мечот со МЗТ и дадоа одговор како што треба. Игравме навистина добра одбрана, бидејќи не е едноставно да сведеш екипа како Сутјеска на 62 поени, која пред некој постигна 94 поени против тим како Студентски центар. Не смееме да се задоволиме со ова, направивме добар тим и мора да продолжиме на ист начин, со надеж дека во недела ќе победиме. Заостануваме поради трите порази што не отидовме во Бања Лука, но до крајот ќе се бориме за да фатиме приклучок во горниот дел на табелата“, изјави Мираковски.

Центарци сега имаат скор 3-6 во пресрет на задутрешниот дуел со Широки, последен на турнирот во Сараево.