Кочов: Со ваков пристап може да стигнеме многу далеку!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, вечерва, одигра одличен натпревар и го совлада босанскиот претставник во АБА2-лигата, Широки, што секако донесе радост на клупата со оглед што е задржан притисокот кон првото место на табелата.

Тренерот Ѓорѓи Кочов, презадоволен од прикажаното и од крајниот епилог, ги пофали сите играчи кои се појавија на паркетот, потенцирајќи дека ако продолжат да играат вака тогаш тимот од Аеродром ќе може да стигне далеку.

„Им честитам на сите кошаркари во мојот за победата, тоа што го трениравме последните денови го одигравме и за време на натпреварот. Нормално е да имаме пропусти во текот на средбата, имавме мали падови на концентрација, но од причина пто против себе имавме квалитетен ривал. Најважно беше што ја спречивме нивната игра во транзиција, а како ретко досега доминиравме во скок-играта со 11 скокови повеќе од противникот. Задоволен сум од сите што играа и со ваков пристап можеме да стигнеме далеку“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје во моментов е втор на табелата со учинок 6-2 и една победа помалку зад лидерот Борац Чачак. Следен јадрански противник за сино-белите е српски Динамик, следниот четврток во Белград.