Столе официјално се збогуваше со Рајо, но претседателот му се налути: Ние не сме глупи!

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски кариерата ќе ја продолжи во Валенсија, за која според најавите од Шпанија, потпишал договор со 2028 година. 

Димитриевски на крајот на актуелнава сезона, и официјално се збогуваше со навивачите и останатите членови на Рајо Валјекано по шестгодишна прекрасна соработка.

„Решив да не потпишам нов договор со Рајо Валјекано. Имав и убави и лоши моменти во клубот, но засекогаш ќе им бидам благодарен на овие луѓе. Секогаш ќе им бидам благодарен на клубот, претседателот, тренерите и навивачите. Го носам Рајо во моето срце, дојдов како дете и заминувам како маж“, кажа Димитриевски.

Но, претседателот на Рајо, Раул Мартин Преса не беше среќен поради одлуката на Димитриевски, па направи некоректен потег напаѓајќи го нашиот репрезентативец преку медиумите.

„Ние не сме глупи, тој не сакаше да остане и можам да се обложам дека од претходно се договорил со Валенсија. Не беа проблем парите. Без разлика колку сакате некого, ако таа личност не сака да биде тука, не може ништо да направите. Се обидовме, но не успеавме да го премислиме“, кажа првиот човек на клубот.