Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа третиот пораз сезонава во АБА2-лигата, откако вечервам како гости, загубија во пресметката со Ловќен со 69-73 (20-27, 15-11, 19-14, 15-21).

Аеродромци долго ќе жалат за пропуштената шанса да дојдат до уште еден триумф во јадранската конкуренција, со оглед што во последните пет минути од мечот влегоа со плус девет (63-54), благодарение на серијата 26-7 во финишот од третата и почетокот од последната четвртина. Тешко стекната предност, за жал, не беше задржана, нити пак беше погоден шутот за тројка на Џабари Хиндс на 13 секунди до крајот при негатива од минус два (68-70).

Македонскиот тим го плати цехот на дури десетте промашени слободни фрлања, од кои изненадувачки три беа на најефикасниот сезонава Хиндс. Овој сегмент, заедно со поголемиот број загубени топки (8-5) и помалкуте асистенции (12-18) се покажаа како клучни за неуспехот на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, кои, пак, имаа повеќе скокови (42-37) и 11 постигна тројки.

Дамјан Стојановски со 20 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, додека Хиндс и Ерон Херис реализираа по 12 поени. Сино-белите и покрај неуспехот остануваат на втората позиција со учинок 8-3.

Следен противник на македонскиот претставник во АБА2 е Слобода од Тузла, каде што ќе гостува следниот четврток.