Голема драма во Ниш: Партизан со луд пресврт третпат по ред ѝ го „украде“ Купот на Ц. Звезда!

Кошаркарите на Партизан третпат по ред, а вкупно осми пат се победници во српскиот Куп Радивое Кораќ, откако вечерва, по голема борба и едно продолжение, го надиграа најголемиот ривал, Црвена звезда (85-84), која долго ќе жали за пропуштената шанса за прекин на доминацијата на противникот.

Црвено-белите имаа плус шест на половина минута до крајот на регуларниот дел (76-70), но тогаш на сцена стапи Маркус Пејџ кој со осум поени по ред, вклучувајќи и две прецизно изведени слободни фрлања на 1,6 секунди до крајот, се избори за изедначување (78-78). Партизановци доминираа во најголем дел од дополнителните пет минути, но кошаркарите на Ц. Звезда имаа и напад за победа во последните 13 секунди при негатива од 83-84, но Лоренцо Браун направи нерезонски и тежок влез по кој не го погоди ни обрачот, што значеше и крај на надежите на Делии за евентуален успех во ова натпреварување.

Пејџ со 21 поен беше прво име кај Партизан, додека трагичарот Браун со 17 поени беше најпрецизен кај црвено-белите.