Главчев емотивно се збогува со својот голем пријател - Душко Вујошевиќ!

Кошаркарскиот свет го шокираше веста за смртта на легендарниот тренер Душко Вујошевиќ пред неколку денови, а сега од него се збогуваше и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Томе Главчев.

Главчев објави емотивна порака на неговиот профил на Фејсбук и се збогува со својот голем пријател.

„Со длабока тага ја примив веста за заминувањето на мојот голем пријател, но и еден од најголемите кошаркарски умови на овие простори, Душко Вујошевиќ.

Дуле не беше само врвен тренер – тој беше човек со став, со принципи и со огромна љубов кон кошарката. Неговото знаење, енергија и посветеност оставија неизбришлива трага во развојот на многу генерации играчи и во самата игра.

За мене лично, ова е загуба на искрен пријател и човек од кој многу научив – не само за кошарката, туку и за животот.

Во периодот кога бев предводник на КК Кожув, без двоумење прифати да биде дел од еден пријателски турнир организиран во Гевгелија – мојот роден град и градот од кој потекнува Кожув. Тоа беше гест што никогаш нема да го заборавам.

Подоцна, кога го формирав Блокотехна, постојано беше тука – со совети, идеи и искрена поддршка околу кошарката. Неговата подготвеност да помогне и да сподели знаење беше нешто што ретко се среќава.

Посебно ќе го паметам и моментот кога, на еден голем пријателски натпревар помеѓу Партизан и Фенербахче, кога на клупата на Фенербахче беше Жељко Обрадовиќ, а Партизан го предводеше Дуле, Блокотехна беше поканета како гостин. Целиот тим имаше чест да биде дел од тој спектакл – уште еден доказ за неговата големина и човечност.

Ти благодарам за сето внимание, почит и посветеност што ни ја пружи.

Неговото дело ќе живее преку сите оние што ги создаде и инспирираше.

Почивај во мир, пријателе“, напиша Главчев.