Бугарите ни нудат заедничка лига, ама за Антиќ поважна е честитката за прекин на сезоната!

Претседателот на Бугарската кошаркарска федерација (БКФ), Георги Глучков денеска испрати официјално писмо до својот колега-предводник на македонската кошарка, Перо Антиќ, за формирање заедничко натпреварување во кое би настапувале најдобрите екипи од двете држави.

Но, за луѓето кои ја предводат Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ова е нешто второстепено, додека поважно во писмото добиено од источниот сосед е честитката за прогласување крај на сезоната без да прогласи шампион.

„Би сакал наскоро да поразговараме за идеата за евентуално заедничко натпреварување помеѓу екипи од Бугарија и Македонија, иницијатива која сметам дека ќе привлече големо внимание кај навивачите и медиумите. Ова би се направило без притоа да се уништи националниот систем кои го имаме во двете држави“, пишува во првиот дел од писмото на Глучков, еден од првите Европјани кои настапиле во НБА.

За Антиќ, сепак, поважно за објавување на интернет-страницата на КФМ е тоа што следува во писмото од источниот колега, во кое се фали неговата одлука да прекин на првенството.

„Ја користам можноста да ви честитам на одлуката да го прекинете првенството без да прогласите шампион, знаејќи дека тоа е тешка одлука поради спротивните интереси на одредени клубови. Истата одлука ја донесовме и ние, како и неколку други европски федерации и лиги“, дополнува Глучков.

Прашање е само зошто начинот на кој завршил шампионатот во Македонија е битна информација за првиот човек на бугарската кошарка или тоа може да се сфати како „ти мене војводо, јас тебе сердару“ однос помеѓу двете федерации, чии претседатели беа нападнати од тие што најмногу беа оштетени од донесената одлука – Левски Лукоил и МЗТ Скопје.