Будуќност по хаосот во Белград: Тоа беше линч и хорор, за нас АБА-лигата веќе не постои!

После едночасовниот хаос, нападот врз кошаркарите на Будуќност во белградски „Пионир“, каде Црвена Звезда по една година ја врати титулата во АБА-лигата со преубедливата победа, Црногорците со соопштение доцна синоќа објавија дека за нив „јадранското друштво“ повеќе – не постои!

Од подрогичкиот клуб објавија дека во Белград преживеале линч и хорор, па поради хаосот ги повикаа челниците на АБА-лигата да си поднесат оставки, зашто во договор со газдата на Ц. Звезда, Небојша Човиќ дозволиле нерегуларност во мајсторката.

„Свесни дека атмосферата е таква во која нема услови да се игра мечот, од челниците на АБА-лигата добивме информации дека биле уценети од Ц. Звезда. Ние баравме да се испразни салата или да се одигра мечот денеска. За жал, иако Новосел и Чабркапа видоа дека нашите играчи едвај спасија жива глава и избегнаа сериозни повреди со потенцијален смртен исход, инсистираа да се вратиме на терен со закана дека службено ќе го загубиме мечот со 20-0. Иако свесни дека во ситуацијата ќе загубиме, прифативме за да ги сочуваме кошаркарите и стручниот штаб. Горди сме што во таква ситуација тие излегоа на терен. Сега за сите случувања детално ќе ги известиме челниците на сите клубови во АБА-лигата, зашто со луѓето кои не доведоа во ваква неподнослива, неприфатлива и понижувачка ситуација, за нас АБА повеќе не постои. Очекуваме смена на раководството на лигата“, објавија од Будуќност.