Кошаркарите на МЗТ Скопје со победа го завршија регуларниот дел од сезоната во АБА2, откако со одлична игра во најголемиот дел од средбата го совладаа Златибор (90-71), за конечни 8-5 во пресрет на плејофот.

Аеродромци одиграа маестрални три четвртини, откако почнаа лошо и му дозволија на противникот брзо да дојде до предност од 16 поени (30-14). Тоа како да ги налути сино-белите, кои вратија со 15 поени во низа (29-30), а пред крајот на полувремето дури и поведоа со 42-38. Тоа го најави и одличниот настап и во второто полувреме и максималните плус 22 (91-69) пред крајот на мечот.

Бојан Крстевски со 25 поени и четири скока беше најдобар кај МЗТ, а најдобрата партија по доаѓањето во Аеродром ја одигра и Кристијан Николов со 18 поени и шет асистенции. Зад нив беа Френк Тарнер со 16 поени и Дамјан Стојановски со 14 поени.

Со овој триумф, „металците“ дефинитивно го избегнаа осмото место пред плејофот, кое ќе им го донесеше најквалитетниот Студентски центар уште во четвртфиналето од доигрувањето. Конечниот пласман на МЗТ и нивниот противник во првата рунда од доигрувањето ќе биде познато по одигрувањето на последните два меча, помеѓу Работнички и Слобода Ужице (17 часот) односно Студентски центар и Подгорица (21 часот).