Баковиќ не чекаше многу, веднаш најде нов клуб (ФОТО)

Хрватскиот интернационалец Марко Баковиќ е првото име кое си замина од МЗТ Скопје во текот на оваа сезона откако денеска, како што објавија од клубот, спогодбено го раскина договорот со шампионот на Македонија.

Само неколку часа подоцна, Баковиќ е претставен како ново засилување за хрватскиот првак Задар со кого ќе се натпреварува и во АБА лигата. Со оглед на тоа што тој е Хрват, во тимот на Задар ќе настапува како домашен играч и нема да зафаќа место за странец, а сепак ќе биде голем адут на тренерот Даниел Јусуп.

 

 

Задар сезонава е без конкуренција во домашното првенство и на пат да ја освои својата трета шампионска титула во низа. Работите не одат според очекувањата во АБА лигата каде се наоѓа на 12. место на табелата со биланс од четири победи и седум порази и засега далеку од позициите кои водат во плејофот.