АБА поскапува: МЗТ и Работнички ќе дадат по 40.000 евра само за тестови за Ковид-19!?

Предводниците на АБА-лигата на следниот состанок на Собранието, закажан за утре преку видео-конференциска врска, ќе ја разгледуваат предлог-верзијата на Здравствениот протокол, кој, ако глобалната пандемија со коронавирусот продолжи до крајот на сезоната, може да го направи далеку поскап настапот на екипите во двете јадрански натпреварувања, а меѓу кои се и МЗТ Скопје и Работнички.

Причина за тоа е точката која предвидува кошаркарите и службените претставници на клубовите да имаат направено тест за Ковид-19, кој не би бил постар од 72 часа пред почетокот на натпреварот. Според груба математика и земајќи ги предвид сегашните цени на ПЦР-тестовите на македонскиот приватен пазар, тоа ви можело да ги чини вечните ривали по дополнителни 40.000 евра во однос на претходно одредениот буџет. До оваа цифра се доаѓа ако се помножи бројката од 20 клупски членови кои задолжително би се тестирале (играчи и стручен штаб) со 70 евра колку што во моментов чини ваков тест, а сето тоа се помножи со бројката од 26 натпревари колку што најмалку би одиграле скопските екипи во АБА2-лигата.

Според предлогот, специјалното тело на АБА за справување со кризата со коронавирусот ќе треба да види какви тестови постојат во земјите кои даваат претставници во двете јадрански натпреварувања и по нивното споредување да одредат еден кој би бил идентичен за сите. Исто така, ќе бидат направени разговори со лабаратории кои би добиле епитет „овластени од АБА“ каде што екипите би морале да ги направат овие ПЦР-тестови. Секако, големата бројка значи и можност за намалување на цената, но сето тоа засега е во фаза на размислувања и ќе зависи од дополнителните преговори.

Во случај на позитивен тест на некој од кошаркарите и членовите на стручните штабови на учесниците во АБА и АБА2, тогаш клубовите ќе треба да го изолираат заболениот, да ја известат надлежната епидемиолошка служба како и работната група „АБА Ковид-19“. Во останатите точки од Здравствениот протокол се предвидуваат сега веќе стандардни мерки, како што е задолжително мерење телесна температура, носење маски на сите за време освен на играчите кои се на терен и првите тренери на екипите, како и социјално дистанцирање за време на тренинзите и патувањата.

А, дали средбите ќе се играат со публика или пред празни трибини зависи од епидемиолошките препораки и закони во државите каде што се играат натпреварите.