Судиите им се бетер и од нашите: НБА призна дека Лејкерс и Детроит биле украдени!

Екипите на ЛА Лејкерс и Детроит Пистонс биле оштетени од судиски одлуки во завршниците на нивните последни плејоф натпревари, потврди официјално НБА лигата по направената анализа.

На дуелот меѓу Минесота Тимбервулвс и „езерџиите“ од Ел-Еј, при резултатски тесна завршница, судиите не досудија фаул врз Лука Дончиќ, кого беше турнат од Џејден Мекдениелс на 33 секунди пред крајот. Дончиќ побара тајм-аут во обид да ја контролира ситуацијата, но обидот не беше уважен. Минесота ја искористи предноста и дојде до 3-1. Тренерот на Лејкерс, Џеј-Џеј Редик, по натпреварот отворено ја критикуваше судиската екипа, изразувајќи револт за пропуштената шанса.

На вториот спорен меч, Детроит Пистонс го загуби натпреварот против Њујорк Никс по спорна ситуација во последната секунда. Тим Хардавеј Џуниор упати шут за победа, а контактот што го направи Џош Харт врз него не беше санкциониран како лична грешка. Поради тоа, Пистонс не добија слободни фрлања, а НБА подоцна утврди дека требало да се досуди прекршок.

Иако признанието на НБА ги потврди пропустите, тоа нема да има практичен ефект врз резултатите или пласманот на оштетените тимови.

ФОТО: X / @Lakers