Шок од САД: Дончиќ веќе летово би можел да си замине од ЛА Лејкерс!

Словенечкиот кошаркар, Лука Дончиќ, веќе ова лето би можел да го напушти тимот на ЛА Лејкерс доколку клубот не обезбеди продолжување на договорот до 2 август, предупреди аналитичарот на ЕСПН, Брајан Виндхорст.

Иако Дончиќ неодамна се пресели од Далас Маверикс во Ел-Еј, Виндхорст истакнува дека словенечкиот ас не е мотивиран да потпише нов договор со клубот.

„Постои огромен притисок врз Лејкерс да го убедат Лука да се обврзе долгорочно. Тој никогаш не кажал дека сака да биде дел од овој тим. Трејдот го изненади и сега чека да види како ќе се изгради тимот околу него ова лето“, изјави Виндхорст.

Лејкерс го презедоа важечкиот договор на Дончиќ, кој истекува во сезоната 2026/27, но играчот има опција еднострано да го раскине една година порано. Ако не потпише продолжување до 2 август, постои ризик во летото 2026 година да замине како слободен агент без клубот да добие никаква компензација. Поради тоа, се разгледува можноста за нов трансфер на Дончиќ уште ова лето. И покрај надежите на навивачите дека Лејкерс ќе се борат за титула оваа сезона, Виндхорст е скептичен.

„Тие нема да ја освојат титулата оваа година. Најголемото прашање е дали ќе ја изградат иднината околу Лука. Тие мора да решат дали ќе ја посветат франшизата на него или ќе побараат друг правец“, додаде тој.

Финансиски, Дончиќ оваа сезона треба да заработи 43 милиони долари, а неговата плата ќе достигне речиси 49 милиони долари во сезоната 2026/27.