Се јави и легендарниот актер Џек Николсон за смртта на Коби Брајант

Еден од најголемите навивачи на Лос Анџелес лејкерс сигурно е актерот Џек Николсон. Денеска и тој се јави во медиумите за да зборува за трагичната смрт на Коби Брајант. 

Николсон ретко дава интервјуа, но денеска самиот се јавил телефонски во „Си-Би-Ес“ Лос Анџелес за да зборува за кошаркарот, кој загина во хеликоптерска несреќа заедно со неговата 13-годишна ќерка и уште седум други лица.

„Мојата реакција на вестите беше иста како и на сите од Лос Анџелес. Одеднаш, каде што се беше добро се појави една голема дупка во ѕидот. Бев толку навикнат да го гледам и да зборувам со Коби што навистина ме убива. Ова е ужасен настан“, рече Николсон.

„Се сеќавам на речиси сè поврзано со него, колку голем играч беше. Кога се сретнавме прв пат, малку се шегував со него. Беше во Њујорк во 'Медисон сквер гарден', му понудив кошаркарска топка и го прашав дали сака да му ја потпишам? Ме погледна како да сум луд“, додава трикратниот добитник на наградата Оскар.

„Ги разбираше сите мои шеги, имаше смисла за хумор. На сите нас ќе ни недостига, сите ќе мислиме на него постојано“, заврши Николсон.