Прескокната е и последната „пречка“ пред рестартот на НБА-лигата

Тимовите во НБА-лигата пред неколку дена се договорија за рестарт на сезоната со нов формат од 22 тима наместо 30, односно ќе играат само оние кои имаат шанси за пласман во плејофот до крајот на регуларната сезона.

Овој план на тимовите вчера беше одобрен и од Асоцијацијата на кошаркари на НБА-лигата со што беше тргната и последната пречка за продолжување со натпревари. Според новиот формат, натпреварите ќе ги продолжат најдобрите осум тима од Источната и Западната конференција, како и дополнителни шест тимови кои имаат шанси да стигнат до плејофот. Сите натпревари ќе се играат на едно место, односно во „Дизниленд“ или поточно спортскиот комплекс во забавниот парк, кој се состои од три сали.

Дневно ќе се играат од пет до шест натпревари, а секој тим има да одигра уште осум натпревари до крајот на регуларниот дел од сезоната. Плејофот ќе биде во стандардниот формат со најдобар од седум натпревари, со тоа што предноста на домашен паркет ќе биде само на „хартија“.

Тимовите на 7 јули ќе допатуваат во „Дизниленд“, Флорида, а натпреварите ќе започнат на 31 јули.