Ни 50 поени на Стеф Кари не го спасија Голден стејт во Аризона (ВИДЕО)

Голден стејт и понатаму игра во топло-ладно стил, далеку од шампионската форма од пролетва, па синоќа го запиша и деветтиот пораз по 15 меча од новата сезона.

Шампионот беше немоќен на гостувањето во Аризона, кај Феникс и загуби со 119-130. Стефа Кари имаше извонредна поентерска ноќ, постигнувајќи 50 коша или повеќе десетти пат во кариерата. Овој пат застана на точно 50, плус девет скока и шест асистенции, а постигна седум тројки. Сепак, немаше доволна поддршка од соиграчите и Феникс го доби мечот, предводен од триото Пејн, Букер, Бриџис, кои постигнаа 29, 27, односно 23 поени.

Во Источната конференција, пак, Бостон ја продолжи победничката серија и осми натпревар едноподруго и тоа на гостувањето кај Атланта, со 126-101. Само осум кошаркари постигнаа поени, но од нив дури седум имаа 14 или повеќе, предводени од Џејлен Браун со 22. Тре Јанг од поразениот тим беше најефикасен со 27. Со овој успех Бостон се одржа на чело на Истокот, со скор 12-3, држејќи дистанца од една победа пред Милвоки, кој исто така славеше, со 113-98 против Кливленд, на домашен терен. Брук Лопез продолжи со добрите партии, постигнувајќи 29 поени, а Јанис Адетокумбо запиша дабл-дабл со 16 коша и 12 скока, плус осум асистенции.

 

НБА РЕЗУЛТАТИ:

Феникс – Голден стејт  130-119

Атланта – Бостон            101-126

Милвоки – Кливленд    113-98

Денвер – Њујорк            103-106

Далас – Хјустон               92-101

Њу Орлеанс – Чикаго    124-110

Торонто – Мајами          112-104

Вашингтон – Оклахома 120-121

Орландо – Минесоа      108-126

Шарлот – Индијана       113-125